Последен поздрав од колегите - почина костимографката Рада Петрова – Малкиќ

Рада Петрова-Малкиќ, истакнат автор во доменот на македонската театарска костимографија, со изградено чувство за креација и изразен професионален однос кон работата, беше погребана вчера на градските гробишта во Скопје.

-Нејзината дејност како костимограф е разновидна, со оглед на фактот дека работела како костимограф за театар, телевизија и филм. На театарската костимографија и е посветена речиси педесет години во речиси сите театарски куќи во и вон Македонија, време во кое таа постојано истражува и се усовршува. Таа е творец со најплоден авторски опус и прв школуван костимограф во Македонија. Нејзината постојана ангажираност/работа и овозможува да го усовршува стилот кој е спој на истенчен естетски вкус, творечка креативност и одмерено и однегувано стручно ниво на работа, информираат од  НУ Македонски народен театар.

Рада Петрова-Малкиќ дипломира костимографија и сценографија на Академијата за применети уметности во Загреб, Хрватска. Професионалната кариера како дипломиран костимограф ја започнува во 1954 година, на сцената на Хрватско народно казалиште, Загреб. Потоа, од 1955 година таа станува костимограф во Македонскиот народен театар каде останува се до пензионирањето, но со кој соработува и покасно, и каде ги остварува своите најзначајни и најпрепознатливи костимографски решенија: оние за „Дневникот на Ана Франк” (1958), „Македонска крвава свдба” (1965) и „Госпоѓа министерка” (1965/1977/1983) со костимот на Мери Бошкова, еден од најпрепознатливите костими во македонската театарска костимографија. Знаењето и искуството кое го поседува, значајно го подига, во македонскиот театар, нивото на третман и примена на костимографијата во претставите. Таа значително ги менува суштината и моќта на размислувањата и реализациите, внесени преку новите и авангардни елементи и вредности. Некои од нејзините реализирани костимографии се со елементи што ги карактеризираат како комплетно уметничко дело околу кое се случува претставата, а некои стануваат своевидни носители на дејствието во претставата во која се применети. Низ реализираните костимографски решенија Петрова-Малкиќ создава целина во која секое парче облека е точно одредно и сместено/поставено каде што во секој случај му е местото. Костимот е медиум на секојдневниот живот но и учебник во кој може да се прочита историјата, социологијата, психологијата, филозофијата, сензибилитетот, модата и начинот на живот на сите класи и сталежи на народите за кои се однесува делото.

Македонскиот народен театар, во својата музејска збирка, го поседува најголемиот костимографски опус (косимографски скици и фотографии) кој го покажува и чува значењето, професионалноста и големината на Рада Петрова – Малкиќ.