‘’Политиките на централната банка овозможуваат стабилизација на инфлацијата и зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем’’ порача Вицегувернерката Митреска на Состанокот на БИС

На 23-иот состанок на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за монетарната политика во Централна и Источна Европа, за време на дискусијата, вицегувернерката Ана Митреска изјави дека мерките за справување со инфлацијата, кои ги превзема Народната банка, истовремено придонесоа и за дополнително зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор.

Промената на основната камата, операциите на девизниот пазар, промените кај инструментот задолжителна резерва се едни од повеќето мерки кои Народната банка ги превзема за стабилизирање на инфлацијата.

 „Макропрудентните мерки во основа беа користени за да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, но исто така претставуваа и поддршка на затегнувањето на монетарната политика во борбата против инфлацијата. Во неколку наврати беше зголемен контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и беа воведени макропрудентни инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Податоците покажуваат дека многу земји применија макропрудентни мерки, не само за задржување на финансиската стабилност, туку и за поддршка на монетарната политика. Во Европа, на пример, од почетокот на 2020 година досега, контрацикличниот заштитен слој на капиталот е зголемен од 0,25 п.п. до 2,5 п.п.“, утврди вицегувернерката Митреска.

Комбинацијата на различни мерки за борба против инфлацијата беше суштинско за одржување и задржување на финансиската стабилност. Историските податоци покажуваат дека при раст на каматните стапки, можна е и појава на ризици за финансиската стабилност. „Сепак, сегашниот циклус на монетарно затегнување беше придружен и со низа макропрудентни мерки, преку коишто се спречува појава на финансиски стрес“, посочува вицегувернерката Митреска. Притоа, таа истакна дека резултатите од стрес-тестовите за ефектите од зголемувањето на каматните стапки врз портфолиото на домашниот банкарски сектор покажале дека банките се добро подготвени за да ги надминат евентуалните предизвици. Сепак, посочува дека поради постојана неизвесност, и централните банки, и банкарскиот систем во целина треба да се внимателни и подготвени за соодветна реакција во случај на нови шокови.