Поезија: Петре М. Андреевски - Тоа таму

Петре М. Андреевски (1934 – 2006) е поет, раскажувач, драмски писател и есеист. 

Photo by Rene Asmussen

ТОА ТАМУ – ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Што бараше да одиш таму,
кога знаеше дека тоа не е таму
и дека оттаму ништо не се гледа.

Што чинеше дека чиниш:
кај што никој во ништо не верува,
кај што никој на никој не му преправа,
кај што никој никому не прозборува.

Не попушти и кога те напушти часот
и кога виде на чија страна е законот
и на чија страна се сите.

Зар не помисли дека твоето време
веќе е изминато, веќе е изменето
и дека тоа таму нема за потаму.

Што бараше тогаш таму:
кај што никој никого не чека,
кај што никој ништо не кажува,
кај што никој никого не познава.

Таму беше сè јасно и опасно
и оттаму веќе немаше каде
и оттаму веќе немаше како.

Што бараше да си го бараш
кога сето тоабеше загубено
и кога никаде немаше ништо.

И, сега, ај кажи ми сега:
што му можеш на тоа што не го гледаш,
и што ти може тоа што не те гледа,
кога никој на никого не се сеќава.