Поезија: Моника Стојановска - Месечината ме следи

Моника Стојановска е млада авторка, која пишува за животот, љубовта и чувствата кои се дел од нашето секојдневие.

Photo by Tino Rischawy on Unsplash

Месечината ме следи

Таксистот ниже без престан
енигматични навреди
кои веројатно му прават смисла
додека стоиме на црвено
немам желба да учествувам во разговорот
и онака човек е сето она
кое му останува премолчено

сакав само да стигнам дома поскоро
и да запишам понешто
знаејќи дека и онака зборовите
со кои некој чека да поентирам
секогаш ќе останат непишани
и само во непишаното
ќе може да ме најде

ми доаѓа по којзнае кој пат
да си помислам
колку ми е потребен молк
додека некој ме испраќа дома

сакам само тивок отворен пат
и месечина
за која еднаш толку наивно
замислував дека ме следи

додека патувавме некаде
со малиот автомобил
ја гледав низ отворениот прозорец
додека собирав во устата воздух
и броев колку секунди можам да го задржам
додека сосема не заборавав
на дишењето
зашеметена од немата и скромна убавина
пред моите очи

ме одминуваат силни сирени
и ротирачки светла
Добро е што не се за мене
Добро е што не сум јас
онаму каде што боли

зар не е така?
Секоја утеха за другиот
е утеха за себе
и неизговорена благодарност
за случајноста што си оној
кого болката го одминала
куршумот го одминал
невремето го одминало

животот е веројатно
среќно разминување со несреќата,
среќен е веројатно оној што пишува
истрошени фрази за несреќата
зашто не ѝ го знае вистинскиот вкус

не сакам да го вкусам
она што не можам да го проголтам
и сакам да останам недопрена
во моите истрошени фрази
кои ќе ги запишам
во моментот кога ќе стасам дома

и во оние што нема да ги напишам
зашто во нив ќе бидам најискрена

и можеби воздухот околу мене
ќе се претвори во воздух
кој ќе заборавам да го земам
зашеметена од некоја
нема и скромна убавина