По едномесечен строг пост, верниците од исламска веросиповед го слават Рамазан Бајрам

Верниците од исламска веросиповед во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават празникот Рамазан Бајрам, кој се смета за еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и за телесно прочистување.

Рамазан Бајрам доаѓа по едномесечниот строг пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Во сите џамии, денеска се служи утрински Бајрам-намаз. По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини.

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи, со желби и „молејќи го Семоќниот Алах со Својата милост да ни ги прифати сите наши молитви, нашиот пост и сите наши дела направени за време на светиот месец“.

„Во овие празнични денови на Бајрам, ќе му се заблагодариме на Возвишениот Алах за тоа што ни овозможи да го постиме Рамазан и за благодатите што ни ги подарил. Но, да не заборавиме: во нашето славење и радост да ги вклучиме и сите луѓе кои имаат наша потреба: сиромашните, бездомниците, сирачињата, но и нашите исламски институции. Затоа, на крајот на Рамазан, сме задолжени со давање на садакатулфитр, за што Мухамед алејхи селам рекол дека со давање на садакатулфитр го прочистуваме нашиот пост. Исто така, со давањето на Фитр ги зајакнуваме институциите кои се одговорни за исламските учења и кои помагаат на луѓето кои имаат потреба од помош“, вели во честитката Фетаи.

Во текот на Рамазанскиот пост, муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитр, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина.