По автопатот Штип-Миладиновци, годинава ќе се вози бесплатно

Новиот автопат Штип-Миладиновци веќе е пуштен во пробна употреба.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев  најави дека неделава конечно ќе се пушти во употреба автопатот од Скопје до Штип.

– Она што требаше да се сработи со кинеската компанија „Синохидро“ е готово и заврши во декември. Во тек се работите околу правењето на пристапните патишта што се прави со пари на Јавното претпријатие за државни патишта за да може сите населени места да се приклучат на автопатот. Ова не беше дел од кредитот и проектот со „Синохидро“. Тоа воопшто не било ни размислувано како ќе се случи. Сега и тоа е речиси завршено, така што автопатот ќе го пуштиме неделава – изјави за Дојче веле Анѓушев.

Од Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта за СДК, велат дека новиот автопат е пуштен во пробна употреба, до наредната година ќе бидат изградени и патарините кои што со основниот проект не биле предвидени, па бидејќи треба време за измени и тендери, дотогаш граѓаните ќе возат бесплатно. Едната патарина треба да се гради меѓу Кадрифаково и Три Чешми.