Плати и образование - три наставнички ги споделија своите ставови и искуства!

Штрајкот на просветните работници ширум земјава продолжува и денеска. Барањата на наставниците се сè погласни, а поприсутна е и поддршката за вработените во оваа сфера.

Поголемиот дел од просветните работници и поддржувачите се децидни дека потребни се повисоки плати, со оглед дека наставници си плаќаат од џеб патни трошоци, но и материјали за работа.

Се чини дека професијата секојдневно „ерозира“, па така некогаш наставниците беа ценети и почитувани, а се и треба да бидат носители на суштински промени и основи во едно општество.

Ви пренесуваме ставови на три наставнички, кои аргументирано, бараат промени!

-За жал, наставниците не се пратеници или функционери со службени возила. Не работат сите во град, не им е на сите работното место на 2 км од дома. Наставници патуваат и по 30 км во правец за да стигнат до школо, а со овие цени на горива замислете ако можете која сума ја одвојуваат од плата. Ќе ви помогнам: над 5000 денари. Материјали плаќаме од џеб. Ако тоа е нормално, тогаш ок. Да не заборавите дека не работат сите во услови како најдобро опременото школо во Скопје.

-Ние сме општество каде не се цени наставникот и се омаловажува по социјални мрежи, а во исто време истите тие доаѓаат со вокабулар неприфатлив за воспитно образовна институција (,,срцко" и такви прекари кои не се соодветни за наставнички кадар на работно место). Јас верувам дека сиромаштијата и невложувањето во себе (зошто само така можеш да му понудиш нешто квалитетно на општеството и со тоа да бидеш дополнителна нишка за добробит) имплицираат такви чекори и како доаѓаат годиниве се помалку сме ценети како фела, а се ,,посилна" страна за соработка имаме. Гледајќи од друга страна, гледам дека ние всушност генерално никого не цениме, не гледаме ништо да смениме во себе туку да го смениме другиот за нас да ни одговара.

-Само една седмица наставниците да не обезбедуваат наставни помагала, средства и се што треба за квалитетна настава со лични средства родителите (и сите критизери) ќе почувствуваат што значи училиште од 46 година, или уште поназад во времето „ресавска школа“. Се додека си обезбедуваат со лични средства (или од дома) интернет, личен лаптоп, хартии за печатење, тонери и да не набројувам никој не може да знае нити да замисли како ќе тече наставата на нивните деца со диктирање и препишување од полуискинати, чкртани учебници, „камени креди“ кои треба пола саат да се држат над мокар сунѓер (и тој сами си го купуваат) за да пишуваат. Кога детето ќе дојде дома со (1) или (2) оти не стасало да препише од табла и да одговори на тест ќе се знае што е олеснување кога наставникот дава тест печатен на хартија купена од своја плата, внесува информации во едневник до полноќ (оти порано не работи)... Се дотогаш оние „сезнајковците“ ќе кажуваат гачки дека работат 3 часа во денот, одмараат 3 месеци лето и 1 месец зимо.