Пијанистот Вондрачек го откажа гостувањето во Скопје

Поради болест, пијанистот Лукаш Вондрачек го откажа своето гостување во Скопје, соопштија од македонската филхармонија.

На симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во четврток, во Домот на АРМ во 20 часот, насловен „Рапсодија“, ќе настапи врвната пијанистка од Србија со завидна светска кариера, Тамара Стефановиќ.
 
Пијанистката Стефановиќ, која настапува во сите прстижни концертни сали во светот, соработувајќи со врвни диригенти како Еса-Пека Салонен и Владимир Ашкенази, ќе го изведе Концертот за пијано бр. 21 од Волфганг Амадеус Моцарт.
 
Оркестарот ќе настапи под диригентската палка на импресивниот Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се и популарната увертира „Руслан и Људмила“ од Михаил Глинка, како и Првата симфонија од Дмитриј Шостакович, дело кое ќе го направи популарен рускиот музички композитор и надвор од неговата земја.