Пијанистот Дино Имери и квартетот „Такси Конзилиум“ вечерва на фестивалот „Крај Вардарот џез“

Во рамки на последната фестивалска вечер од второто издание на „Крај Вардарот Џез“, вечерва во МКЦ во кино Фросина ќе настапат квартетот „Такси Конзилиум“, а веднаш по нив композиторот и пијанист за современа класична музика Дино Имери, кој ќе настапи соло на пијано.

 „Такси Конзилиум“ е квартет на еден од македонските водечки џез гитаристи, Филип Букршлиев.

Албумот „The Essential Sunday Gloom“ во издание на ПМГ Џез е прогласен за џез албум на месецот на Бенд Кемп. Во Такси Конзилиум, освен него, членуваат уште неколку млади музичари: Андреа Мирческа на контрабас, Драган Теодосиев на тапани и Благојче Томевски на кларинет. Нивниот звук е цврст и силно модерен, небаре излезен од некој „катинг еџ“ њујоршки џез клуб.

Дино Имери веќе издаде и промовираше авторско ЦД со наслов „Refleciotns“ за ПМГ Џез. Неговиот развој како композитор на современа класична музика е поврзан со оваа дискографска куќа, за која во моментов подготвува ново издание. Имери вечерва ќе настапи соло на пијано.

„Крај Вардарот Џез“ е годишен фестивал на дискографската куќа ПМГ Џез.

Минатата година беше реализирано првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, кое беше еден од најзабележителните и најквалитетни музички настани во земјата за 2020-та година.