Пешева на фејсбук: МНР да даде насока на дипломатските мисии по светот како се викаме после мажачката со Грција

Поранешната новинарка и водителка, а сега актуелна директорка на ПР-агенција Ели Пешева изминатиов период ја посети Кина. Притоа, таа на својот фејсбук профил го сподели искуството за патувањето со македонски пасош. 

Вели дека на повеќето аеродроми имала „криза на идентитет“ поради името.

Ова е нејзината фејсбук објава: 

- Изминативе неколку недели поминав на 7 аеродромски, 2 пристанишни гранични премини, се чекирав во 4 хотели, купував на 3-4 фри шопови, и уште неколку различни места каде ми требаше пасош. Да речеме 20-тина места.

Од нив освен на скопскиот аеродром (фала богу), и една две други ситуации каде што немаше проблем, на сите други места имав криза на идентитет. Азијатите, љубезни какви што се, не признаваат дека имам проблем, се обидуваат да најдат решение. После првиот пат на задржување, веќе им давам сугестии каде да не бараат. После третиот, го подавам пасошот со ливче на кое се напишани сите можни комбинации на името на државата...како scramble.

Еднаш не најдоа само под Македонија.

Еднаш под Republic of Macedonia.

Еднаш под Republic of North Macedonia (па проблем, пасошот не ви е ист, ама го сменивме името на државата, го сменивте името на ШТО??).

Еднаш под FYROM.

Еднаш под THE Former Yugoslav.

Еднаш под код MKD, еднаш под код (surprise, surprise) NMK.

Какво олеснување кога ќе свирнеше системот зелено...не сме луѓе од земјата на чудата. На секое поминување на нова територија, како братот Љубе кога се симна од авион, ми идеше да клекнам.

Колку може да е комплексна методата МНР да даде насока на дипломатските мисии по светот (таму барем кај што работат телефоните, нека се и факс машините, кај што некој отвора мејл, кај што има барем секретар или вршител на должност, кај што зборуваат барем англиски ако не и локален јазик, кај што има амбасада или мисија со ефективни работни часови...кај што има жив човек, еве) и тие да ги информираат домаќините кои сме, како се викаме после мажачката со Грција, која ни е кратенката...

На крај на краиштата, побарајте дали е слободен и ставете не под кодот HRH (His/Her Royal Highness). Барем ќе биде позабавно влегувањето и излегувањето од секоја држава.