Печалбарите на одмор во родната татковина

Летото е период кога иселениците се враќаат во родната татковина. Но, не засекогаш, само неколку недели. 

Станува збор за иселеници кои живеат во САД, но и печалбари кои се на работа во земјите на ЕУ.

Во споредба со минатите лета, според сопствениците на менувачниците годинава многу е поголем приливот на долари во споредба со еврата, што од нивна страна се толкува како опаѓање на моќта на печалбарите кои се на работа во Италија, и другите Европски земји.

-Јас живеам и работам во Германија. Таму сум до семејството. Дојдовме назад, да ја видиме куќата, да ги видам родителите, пријателите. За една недела се враќаме назад. Тука доаѓаме еднаш, до два пати годишно. Македонија е иста. Ништо не се менува. Секој ден станува се полоша. Жалам што е така, жалам што и свртев грб, но едноставно сакав поубава иднина за моите најмили, вели Зоран од Илинден. 

-Ништо не ме врзува повеќе тука. Со сопругот и децата сме во Италија. И брат ми со семејството е таму. Тука ме врзуваше за родителите. Повеќе, нив ги нема. Кога ќе дојдам чувствувам поголема мака. Се потсетувам на еден лош период, кога седевме со сопругот без работа, а кога имавме две мали деца. Сега ни е убаво. Имаме убав живот, раскажува Вале.