Онколошка терапија има до Нова година, буџетот е недоволен - за идната година допрва ќе се договара

Лекови има за сите пациенти – барем до Нова година, но буџетот за терапиите е недоволен велат од Клиниката.

Од Фондот за здравствено осигурување сега се на потег, новиот буџет за догодина да се скрои според реалните потреби.

- Во чекување сме во периодот којшто претстои да бидеме повикани во Фондот за здравствено осигурување во врска со преговори за буџетот за идната година. Ние веќе сме подготвени и ја имаме реалната потреба на нашата клиника во овој момент. Со неа ќе настапиме во преговорите. Јас искрено верувам дека ќе се најде разбирање. До крајот на годината има терапија, информира д-р Виолета Клисаровска на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија.

Министерот Меџити денес пред камерите на медиумите предупреди дека Онкологија, но и други болници на Клинички може да останат без кадар, доколку Министерството за финансии не одобри нови вработувања. Вели, изборна година е, а со пацинетите ќе нема кој да работи. 

– Ќе упатам апел до Обвинителството дека крајно време е веќе да излезат со конкретни факти кој се огрешил, кој не се огрешил. Го повикувам и Министерство за финансии, експресно да ни одговорат за кадарот затоа што мора да ни дозволат тука да вработиме кадар. Идната година е изборна и да не останеме без кадар и да ги оставиме пациентите, изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити, при посетата во Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде е отворена предистражна постапка по наводите во јавоста за злоупотреби со терапиите.

За недостатокот на кадар зборуваше и директорката на Онкологија, Клисаровска, која кажа дека дневно има премногу пациенти на еден специјалист.