Околу 77.7 отсто од Македонците би се иселиле од државава, 94,8% имаат близок што веќе си ги спакувал куферите

Поразителни бројки покажа анкетата на Факултети.мк на прашањето поврзано со иселувањето. Дури 77.7 отсто од Македонците би се иселиле од државата. Во испитувањето како што објаснуваат земале учество 921 испитаник од кои само 22.3 отсто кажале дека би останале дома.

Уште еден доказ дека иселувањето од Македонија е огромно е показателот дека дури 94.8 % од испитаниците одговориле дека имаат по некој од фамилијата кој си заминал за подобар живот во некоја од европските држави, додека само 5,2 % одговориле негативно на ова прашање.

Причините кои испитаниците ги навеле зошто би се иселиле од државава се веќе познати. Главни фактори се митото, корупцијата, политизираноста на општеството, незадоволството од образованието, здравството, законодавството, загаденоста и нормално, финансиите. Често во одговорите наведуваат дека се чувствуваат деградирани и немоќни во сопствената татковина, но и дека државата свесно ги брка младите.

Од факултети.мк објавија и дел од одговорите на оние кои одговориле зошто би ја напуштиле Македонија:

-Лошо образование, здравство, судство, лош квалитет на воздух, вода, чести неправди, непреземање одговорност од  лицата на власт, дозволување од сите страни и секој да се меша во политиките на државата, народ кој е верски заслепен, но со нула емпатија, корупција итн.

-Подобри можности за кариера, квалитет на живот, подобра иднина, образование, здравство, работнички права, подобар финансиски статус, загаденост на воздухот, пензиски придобивки и многу други предности.

-Поради секојдневие со страшна неправда, корупција, мизерни плати, невреднување на квалификуван кадар и партиски систем на вработување. Тука нема место за неопределените!

-Немаме луѓе што ќе стојат зад народот. Немаме закони, здравство, образование судство. Се распаѓаме како држава ....и нормално ниски плати, народот крпи крај со крај.

-Веќе сум во процес на иселување. Овде немам можности за кариера поврзана со мојата струка. Исто така, државата не дава добри бенефити за раѓање дете. Породилното отсуство е многу пократко и нема паричен надоместок како во многу други европски земји.