Од утре евтина дневна тарифа на струјата, но нема да имаат сите одеднаш - еве како да проверите дали сте вие еден од нив

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вчеравечер како гостин на ТВ Стар рече дека од утре од 13.00 до 15.00 часот официјално домаќинствата ќе плаќаат дневна евтина тарифа за електрична енергија. Сепак како што истакна тој не можат сите домаќинства да ја користат уште утре, односно ќе ја користат само оние кои имаат далечинско отчитување, додека останатите ќе треба да почекаат да им бидат сетирани мерилата рачно.

– Од утре официјално евтината тарифа ќе се враќа кај домаќинствата. Кога ја укинавме во декември 2021, тоа беше во услови кога имавме цени на електрична енергија по 300-400 евра по мегаватчас, а во текот на денот достигнуваше до 500, 600, 700 евра. Едноставно тие трошоци не можеа да се издржат. Бевме принудени да ја укинеме, но тогаш ветивме – во првиот момент кога ќе се создадат технички и пазарни услови, ние ќе ја вратиме евтината тарифа. Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, утре ќе имаат евтина тарифа, група по група ќе се сетираат мерилата. Не можат екипите на ЕВН одеднаш да заменат уште 400.000 броила, но до крајот на месецот ќе ја имаат 90 отсто, додаде Бислимовски.

Поради тоа грааѓните се прашуваат како да знаат во која група спаѓаат нивните домаќинства.

Ако утре на ЛЦД-екранот на броилото ви се појави ознаката Т2 (за ниска тарифа), тоа значи дека вие сте меѓу оние над 170 илјади среќници, кои од 13 до 15 часот добиле евтина струја. „Слободен печат“ од ЕВН Македонија го доби одговорот на најпоставуваното прашање, како граѓаните ќе препознаат дали броилото му е сетирано на новата тарифа. Од 1 декември влезе во сила новиот тарифен систем, а тогаш ќе започне и сетирањето на броилата.

– Ознаката Т1 е (за висока тарифа), а Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот, овие соодветни ознаки се појавуваат на екранот и се активни. Имено, корисникот може да препознае дали му е наместат броилото на евтина тарифа од 13 до 15 часот по 1 декември доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период – објаснуваат од ЕВН.