Од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети ќе добијат ваучери за домашен туризам

Мерката ваучери за поддршка на домашниот туризам на Министерството за економија која беше наменета за работници со ниски приходи од следната година ќе биде наменета само за студентите во државните универзитети во државата.

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети на кои им ја презентираа оваа нова мерка.

Целта на состанокот беше заедно со претставниците на студентските здруженија да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.

- Со студентите разговаравме за критериумите за доделување на ваучери за домашен туризам за студентите и за нивните очекувања од оваа мерка која Министерството ја реализира изминатите четири години за работниците со ниски приходи. Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме оваа мерка на Министерството за економија следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија. Вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, а според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети, кажа министерот Бектеши по состанокот со претставниците на студентите.

Мерката како што кажа Бектеши е предвидено да почне да се реализира од јануари следната година, а ваучерите ќе може да се користат до крајот на следната година.

Шакири кажа дека Министерството за образование и наука заедно со Министерството со економија воведува нова мерка за подигнување на студентскиот стандард.

- Во минатото имавме повеќе мерки кои ги дискутиравме со сите здруженија на студенти во однос на повисока вредност на субвенционираниот студентскиот оброк, продолжувајќи со повисоки стипендии и сега продолжуваме со поддршка на студентите со ваучери за домашен туризам. Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја, кажа Шакири.

Оваа мерка е дополнување на мерките од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата во делот на подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз за студентите и учениците.

Критериумите за ваучерите за студентите ќе бидат прецизирани во текот на следната недела и ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.