Од 2 до 27 ноември: Есенски музички свечености со девет атрактивни настани

Со балетската претстава “Лебедово езеро” на Чајковски на 2 ноември (20 часот, МОБ) стартуваат годинешниве 19. по ред Есенски музички свечености кои до 27 ноември на публиката ќе и понудат уште осум атрактивни настани.

Според Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за уметност и култура – Скопје и годинешнава програма на овој фестивал посветен на класична музика ќе има меѓународни димензии, а ќе биде одржан и настан со друг музички жанр, овојпат народна музика, поточно фолклор.

“И годинава во оваа музичка манифестација со нашата програма се обидовме во координација со останатите институции, овој месец да го претвориме во месец на музиката”, истакна Глигоров.

Така, во рамките на меѓународната програма, концерт ќе одржат врвниот унгарски пијанист Јоеф Балог, кој на 10 ноември на малата сцена на МОБ ќе се претстави со делата на Барток, Лист и Волф.

2018.03.07. Balog József koncertje.

Од Полска пак, веќе наредниот ден, на 11 ноември е концерт на познатата млада пијанистка од Полска Агата Кмак, која ќе настапи заедно со пијанистот Марсин Гузик исто така од Полска и кларинетистот Ристе Ѓоревски од Македонија. Во малата сала на Македонската филхармонија (20 ч), тие ќе се претстават со делата на Брамс, Зографски, Мучински и Виењавски.

Дел од оваа програма е и концертот на камерниот оркестар “Аморосо” од Србија на кој како солисти ќе настапат Биљана и Катарина Миљковиќ на флејта, Надја Станичиќ на контрабас, како и сопранистките Драгана Митиќ и Нада Јовановиќ. Во Музејот на град Скопје тие на 19 ноември ќе се претстават со делата на Вивалди, Моцарт, Рахмањинов, Јенко, Пападопуло…

И за љубителите на операта, ќе има интересен настан. Тие ќе можат да ја проследат претставата “Марија Калас- час” во режија на Урсула Хорнер (4 ноември, МОБ).

И годинава Есенските музичи свечености ќе бидат збогатени со концерт на македонска народна музика, па така на 15 ноември во Македонската опера и балет (20 ч) ќе се одржи концерт насловен “Никола Бадев – 100 години од раѓањето, 70 години во етерот” на кој ќе учествуваат дваесетина врвни изведувачи од македонската музичка сцена меѓу кои Виолета Томовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Благоја Грујовски, Александар Тарабунов, како и триото “Гранде”, Атина Апостолова, Сузана Спасовска… придружени со оркестарот на изворни инструменти и оркестарот чалгии под раководство на Бајса Арифовска и народниот оркестар на Ансамблот “Танец” под раководство на Милан Завков.
Меѓу камерните концерти во рамките на програмата, ќе може да се проследи настапот на триото “Интерарт” на 16 ноември во Музејот на град Скопје и концертот на Горан Начевски (баритон), Страшо Темков (флејта) и Елена Атанасовска-Ивановска (пијано) на 27 ноември. “Опера трио”, пак, ќе има концертна промоција на ЦД-то “Звукот на трските”, настан кој ќе се одржи на 22 ноември во фоајето на МОБ.

Изложби и концерт на Влатко Стефановски за Европско Скопје

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност ќе се одржи и настанот “Денови на Европско Скопје 2018” кој од 4 до 7 ноември ќе понуди повеќе изложби, проекција на документарен филм и концертна акустична вечер со познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски. Деновите на Европско Скопје почнуваат на 4 ноември (20 ч. Музеј на град Скопје) со уметничка и документарна фотографска изложба “Траги” на Љупчо Илиевски, а ќе биде одржана и проекција на документарниот филм Игра на стаклените монистра”.

На 5 ноември (20 часот) во фоајето на МОБ ќе биде претставена изложбата “Архитектите за Европско Скопје” на која ќе биде претставена визијата на студентите и магистрантите од Архитектонскиот факултет. Во Инфоцентарот на ЕУ, пак, на 6 ноември (19 часот) ќе биде отворена изложба на фотографии на учерници од средните училишта во Скопје. Деновите на Европско Скопје ќе завршат на 7 ноември со концертот на Влатко Стефановски насловен “Музички кулиси” кој ќе се одржи на малата сцена на МОБ (21 часот).