Новогодишниот караван „И јас сум Дедо мраз“ израдува многу деца низ Македонија

Околу 450 дечиња кои живеат во сиромаштија добија подароци од пријателите на здружението „Проект среќа“ во рамките на акцијата „И јас сум Дедо мраз“.

Новогодишната кампања почна на 1 декември со цел да обезбеди новогодишни подароци за децата чии семејства не можат да си дозволат да им ги купат. Како изненадување, подароците во нивните домови или во институциите каде што претстојуваат, им ги донесе лично Дедо Мраз.

Дедо мразот на „Проект среќа“ е се уште на пат низ Македонија, и планирано е да се израдуваат вкупно околу 1.000 деца. Повеќе македонски јавни личности и компании донираа подароци за нив.

„Овој хуманитарен проект направи рекорди во колективното донирање и хуманост. Особено со оглед на тоа што се работи за нови, купени работи специјално за оваа намена од страна на оние кои донираа. Секое дете беше лично посетено. Застанувавме по пат во секоја куќа што ни изгледаше како место во кое на децата им треба новогодишна среќа, особено низ селата. Наидовме на огромен одзив од јавните личности и од компаниите. “, изјави Кристина Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“, кое ќе помогне и на Благородна Димитриевска од Куманово, самохрана мајка на три деца која живее без социјална помош.