Нотирани серија забелешки во метрополата - Сè уште енигма како Скопје ќе стане Европска престолнина на културата?

Град Скопје ја доби честа да прерасне во Европска престолнина на културата за 2028 година. Сепак, патот до реализација на оваа манифестација ќе биде трнлив, имајќи предвид дека европските експерти кои ја разгледувале апликацијата во декември 2022 година, нотирале серија забелешки за понудената програма и инфраструктурни проблеми.

Токму проади ова, редакцијата на „Скопјеинфо“ најуредно достави прашања до Министерството за култура на тема: „Скопје избран за Европска престолнина“, но и како ќе стане град на културата, сепак, засега одговори од надлежните сè уште нема.

Проблемите се и повеќе од очигледни, имајќи предвид дека во листата на недостатоци е мапиран центарот на главниот град, кој долго време изгледа на градилиште без роковник. Тарабите сè уште ги кријат започнатите, но, не и завршени објекти на црквата Св. Константин и Елена на улица Македонија, хотелот „Мериот Кортрајд“ и Офицерскиот дом на плоштадот „Македонија“, барокните згради на ЕЛЕМ и Пелагонија ... Сепак, ова слика, очигледно ќе мора постепено да се менува до крајот на 2027 година, но како, засега нема одговори?!

За потсетување, идејата Скопје да прерасне во Европска престолнина, но, само во форма на иницијатива, започна во времето на градоначалникот Коце Трајановски, кој беше на власт од 2009 до 2017 година. Кандидатурата ја поднесе раководството предводено од неговиот наследник Петре Шилегов. Со доаѓањето на чело на градот, номинацијата ја бранеше тимот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која заедно со „новиот“ градоначалник од 2025 година ќе треба да работат на високите културни стандарди за оправдување на довербата за престолнина на културата.