Немојте да се разболите во Грција – островите се полни со туристи, но без доволно лекари

Идиличните острови во Грција се полни со туристи, но нивниот медицински систем има пукнатини. Смртта на бремена тинејџерка и нејзиното неродено бебе се само два од најмалку девет потенцијални смртни случаи кои можеа да се избегнат летово во Грција, а сите се предизвикани од хроничен недостиг на амбулантни возила и медицински персонал, пишува „Политико“.

Некои островски болници немаат лекари со полно работно време и се потпираат само на привремен заменски персонал од копното, кој пристигнува на островот со финансиски стимулации. Итните служби се во уште полоша состојба. На многу острови на Кикладите и Додеканезите, едвај е достапно едно возило на брзата помош кое е на располагање 24 часа на ден. Овој проблем не е присутен само на островите, во Атина, на пример, има околу 50 амбулантни возила наместо потребните 85 до 90.

„Треба целосно да ја реновираме службата за брза помош бидејќи има огромни празнини низ целата земја“, изјави за „Политико“ Јоргос Матиопулос, претседател на грчката служба за итна медицинска помош (ЕКАВ).

Поголемиот дел од здравствените домови на малите острови во Егејското Море имаат ограничен број лекари кои мора да дежураат секој ден. Но, дури и кога државата одлучила да вработи повеќе луѓе, обидите биле неуспешни бидејќи персоналот одбива да се пресели на островите, каде што растечкиот туризам ги направил трошоците за живот неподносливи.

„Испративме неколку екипи од останатиот дел од земјата на островите за да ги покриеме потребите на сезоната“, изјави Матиопулос. Додава дека колегите поради ова биле принудени да го скратат летниот одмор, но очигледно тоа е само привремено решение.

Во јуни, 63-годишна жена на островот Кос почина во задниот дел на пикап додека ја возеле до локална болница откако се онесвестила, додека единствената достапна брза помош на островот била зафатена со уште еден случај.

Потребни се 11 лица за управување со брза помош 24/7. Островот Кос, со постојано население од 40.000, кој во лето е домаќин на повеќе од милион туристи, има три нови амбулантни возила, но може да користи само едно, бидејќи има само 10 медицински техничари, од кои двајца ќе заминат во пензија следната година.

Неколку дена по тој настан, 19-годишна трудница во осмиот месец од бременоста починала во населба во Атина, откако чекала повеќе од пет часа брза помош. Почина и нејзиното неродено дете. Во исто време, таа се јавила во итната помош повеќе од 20 пати.

Откако тоа се случи, откриени се уште најмалку шест случаи на луѓе кои умреле низ целата земја поради недостаток на медицински транспорт.

По критиките, владата регрутира пожарникари, воен персонал и возачи на локалните власти за да помогнат во недостигот на персонал во туристичките области. Лекарите се противат на таа одлука, велејќи дека тоа е само потрага по „брзи решенија“. Тие тврдат дека вработувањето некомпетентен персонал во итни ситуации може да биде опасно за пациентите на кои им е потребен третман на местото на настанот.

На 27 јули, грчкиот парламент усвои амандман за итно распоредување на пожарникари и воен персонал додека пожарникарите се бореа со сериозните пожари кои беснееја низ Грција.

Проблемот е покомплексен од недостатокот на финансии; малку лекари или персонал за итни случаи сакаат да работат на островите. Двајца лекари по општа медицина во болницата во Кос, единствените кои работеле таму, дале отказ во 2021 година. Болницата сега е зависна од привремен персонал додека се обидува да најде замена, но досега никој не се пријавил. Ист е случајот и со педијатар и со радиолог.

Тоа е проблем што е присутен во многу рурални области во Европа, од оддалечените села во Франција до северните краишта на Шведска.

На крајот на јули, единствениот кардиолог во болницата на Кос протестираше во дворот на болницата држејќи транспарент на кој пишуваше: „Ги надминав своите граници, потребна ми е помош“. На островот од почетокот на летото работел 28 дена по ред како единствен лекар на клиниката за кардиологија.

Прекумерната работа и „прегорувањето на работата“ се главната причина за серијата оставки на лекарите ширум островот.

„Ова не смее да се случи во цивилизираниот свет, во европска земја, во туристичка дестинација“, рече градоначалникот на Кос, Теодос Никитарас. Потребни се трајни вработувања и потребни се трајни решенија“, додаде тој.