Нема причина и простор за паника од девалвација на денарот

Нема причина за паника од девалвација на денарот уверува вицегувернерката Емилија Нацевска. Банкарскиот сектор е стабилен и нема знаци на повлекување на депозитите во контекст на руско-украинската криза, напротив тие растат, изјави вицегувернерката.

„Причина за паника од девалвација на денарот, навистина нема. Ние располагаме со доволно ниво на девизни резерви за да го одбраниме курсот на денарот, како што тоа го правиме низ сите овие години наназад и како што и досега сме успеале успешно да ја одбраниме неговата вредност“, рече вицегувернерката Нацевска во емисијата „Утрински брифинг“.

Таа вели дека нема повлекување на заштедите од банките, туку напротив истите растат. Сепак додава дека секогаш ќе постои мала група на депоненти, кои при какви било кризни сигнали реагираат, но набргу по согледување на состојбите, дека курсот е стабилен, ги враќаат средствата во банкарскиот сектор.