Националниот џез оркестар го одржа својот прв концерт

Вчера во Националната опера и балет свој прв концерт насловен JAZZ NOVA одржа новоформираниот Национален џез oркестар  под диригентската палка на Џијан Емин, кој во изминатите седум години работеше како Здружение на џез музичари „БИГ БЕНД“, а  со одлука на Владата доби статус на Национален џез оркестар.

По концертот директорот на Националниот џез оркестар Гоце Стевковски за МИА изјави дека формирањето на оркестарот  е резултат на работата на индивидуален и заеднички труд на повеќе музичари кој пред седум години започна со формирањето на Здружението на џез музичари, потоа преку Биг бендот и на крај со одлука на Влада доби статус на Национален џез оркестар.

- “Решивме почетокот да го одбележиме со македонски композитори, а во иднина на нашите концерти ќе свириме и Френк Синатра и многу познати светски џез автори, со што публиката ќе ужива“, најави директорот Стевковски.

Информира дека освен во Скопје ќе имаат концерти и во Центрите-Домовите  за култура во градовите низ земјава, а со цел публиката да може одблиску  да ги запознае.

Еден од доајените на македонската џез музика и член на поранешниот џез оркестар на МРТ Радослав Шутевски за МИА, истакна дека е еден од првите подржувачи на овој Национален џез оркестар.

- “Овој оркестар ни недостасуваше, порано го имавме во МРТ, но повеќего нема. Овие млади талентирани школувани  џез музичари се’ и ќе бидат продолжувачи на тој веќе непостоечкиот џез оркестар на МРТ и  им посакувам врвни успеси“, потенцира Шутевски, кој 30 години е член на групата  „Синтезис“.