„На точак“: Скопските градоначалници „да свртат за промена во 2018“

Групата ентузијасти „На точак“ им испрати честитики на 11-те скопски градоначалници со порака во Новата 2018 година „да свртат за промена“.

На честитките, покрај пораката, стои и логото на „На точак“ во кое централно место има велосипедот.

 - Испративме честитки до 11-те скопски градоначалници со желби во Новата година да свртат за промена, објави „На точак“ на својот Фејсбук профил.

Ден пред испораката на честитките, „На точак“ ја организираше и последната „Критична маса“ за годинава.

 Групата ентузијасти која се залага за подобро велосипедско Скопје реагираше и во однос на бесплатниот јавен градски превоз како една од мерките за загадувањето што беше воведена завчера. Упати повеќе прашања до надлежните, Градот Скопје и Министерството за животна средина.

- Главното прашање е зошто во итните мерки против загадувањето не се најде ниту една што го стимулира велосипедизмот?, наведува „На точак“ и констатира дека мерките нема да бидат комплетни и суштински ако нема бројки и анализи кои ќе ја потврдат нивната успешност, односно ќе постои сомневање дека мерките се само новогодишен празен декор.