На полноќ почнува молкот за претседателските избори - ќе се гласа задутре

Со денешниот ден завршува изборната кампања за првиот круг од претседателските избори 2024 година, односно од полноќ почнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 24 април.

За време на молкот, на 23 и на 24 април (до 19 часот), запира медиумското покривање во вестите и во посебните информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за претседателските и за парламентарните избори, информираат од Агенцијата за аудио и адиуовизуелнте медиумски услуги.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување, кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и може да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Во овој период е дозволено емитување бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања за парламентарните избори.

Воедно, во деновите на изборниот молк е дозволено емитување на едукативната рекламна кампања на Државната изборна комисија (ДИК) за изборите 2024.

Агенцијата очекува сите радиодифузери, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја приспособат својата програма за изборниот молк.