На кафе со Горан Филиповски

Фитнес и кондиционен тренер со пасија кон фотографирањето

Како изгледа еден работен ден на човек кој уметност му е хоби, а спортот професија?

Поголемиот дел од работниот ден го поминувам во фитнес центар, опкружен сум со тоа што го сакам дури и не го чувствувам како работа, времето го поминувам со луѓе кои ја делат истата пасија и на крајот од денот покрај уморот, се чувствува и исполнетост. Уметноста ми помага многу околу фитнесот и спортот, тренинзите покрај тоа што се напорни, треба да бидат креативни и интересни, а за тоа помага креативноста која ја имам стекнато од фотографијата.

Работиш работа која бара континутирана упорност, мотивација и инспирација, од каде ги црпиш овие неколку работи?

Ова е тема што бара многу повеќе објаснување. Мотивацијата и инспирацијата се само дел од спектарот, дури можам да кажам дека се и мал дел од моето секојдневие. Тоа што навистина ме води напред е дисциплината. Тоа подразбира дека не секој ден ќе ни се вежба или оди на работа, но сепак го правиме тоа за долготрајни придобивки. Мотивацијата и инспирацијата се добра искра за да не бутне да почнеме со некоја активност, меѓутоа дисциплината ќе не задржи таму подолго време.

Што е за тебе дефиниција за „Здрав Живот“ и кој е најлесниот и наједноставен начин за здрав живот кој не одзема многу време?

Под "Здрав живот" подразбирам балансиран живот и здрави навики. Балансиран живот не значи дека треба половина од денот да го поминеме во фитнес центар и да готвиме здрава храна туку, да најдеме мал временски дел од денот кој ќе го искористиме за тоа. Се додека го правиме секој ден, преминува во навика и се додека се држиме до тоа секојдневно, ќе има голем ефект врз квалитетот на животот.

На социјалните мрежи си често активен и инспиративен, колку начинот на размислување и здравата психолошка состојба е поврзана со градењето здраво и убаво тело?

Се почнува од умот. Умот е тој што не тера да одиме да вежбаме, умот е тој што ни кажува да се храниме здраво, умот го води телото. Здравата психолошка состојба игра апсолутно најголема улога при градење убаво и здраво тело. Но, телото исто така му помага на умот да остане здрав и вежбањето има голем ефект врз тоа. Од тоа заклучуваме дека вежбањето т.е. физичката активност не држи физички и психички здрави.

Кој е твојата порака или краток совет, до почетниците или непрофесионалците во вежбањето?

За почетниците, само почнете. Секој почеток во било кој аспект од животот е тежок. Вежбањето е зависно и сметам дека нема поубава и поздрава завист на светот, така што многу брзо ќе премине во навика во која уживате. За балансиран живот вежбањето треба да е рекреативно и секојдневно. Запамтете, континуитет е подобро од интензитет.

Кој дел од Скопје е омилен за Горан, за фотографирање и прошетка?

Омилен дел од Скопје ми е секогаш приградието и природата. Во приградие живеам и сум навикнат на природа. Секоја прилика ја користам да го посетам Водно, Козјак или Матка. Прекрасни места се за фотографирање и прошетка. На тие места најлесно се чисти умот кој како што заклучивме предходно, ни го одредува правецот во животот