МЖСПП во наредните три години претседава со Комисијата за Управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион

Денес, во Министерство за животна средина и просторно планирањe се одржа првиот конститутивен состанок на новата Комисија за Управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион, која е формирана со одлука на Владата од 1.4.2024 година и со која во наредните три години ќе претседава Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Министерството за животна средина и просторно планирање од почетокот на своето постоење има важна улога на заштитник на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион и зачувување на интегритетот на најстарото и најбого со биолошка разновидност езеро во Европа. Министерството во континуитет имплементира конкретни активности во делот на заштита на природата што е исто така важно како и заштитата на културното наследство“, изјави министерката Шукова упатувајќи им честитки за именувањето на членовите на новоформираната Комисија и желби за успех во претстојната работа.

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изрази уверување дека новоименуваните членови со своето учество и подговетност ќе обезбедат континуитет во работата на Комисијата и ќе дадат нов придонес во подигнувањето на стручните стандарди во заштитата на светското наследство на Охридскиот Регион и на неговата исклучителна универзална вредност.

Таа се заблагодари на досегашните членови на Комисијата истакнувајќи ги важните акти кои се донесени и процесите што се почнати од нивна страна во изминатите седум години, како што се: Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020) и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030), Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, во кој се предвидува дека до донесувањето на новите детаљни урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во законот во старото градско јадро на Охрид да не може да се градат нови објекти, доградби и надградби.

Со конституирањето на Комисијата за Управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион и усвојувањето на деловникот за работа се очекува во најбргу што може да се почне со постапување по прашања и предмети што се во надлежност на Комисијата.