Можеме ли и ние како Ирска: Задачи за правење добри дела за учениците, наместо домашни задачи

Наставникот Илчо Јовески кој работи во Прилеп сподели интересен предлог кој може и треба да се преслика и во македонските училишта. Станува збор за искуство од образованието во Ирска. 

-Училиште во Ирска секоја година, по еден месец, ги укинува домашните задачи и наместо нив им задава задачи за правење добри дела на учениците (kindness assignments). Во понеделник треба да комуницираат и да помогнат на некое старо лице. Во вторник треба да му помогнат на семејството во домашните работи самоиницијативно, без некој тоа од нив да го бара. Во среда треба да направат некоја добрина по сопствен избор. Во четврток треба да си направат добрина самите на себе си и да покажат грижа за своето ментално и емоционално здравје, вели наставникот. Јовески.  

- Од учениците се бара да водат Дневник на добрини и во него да ги запишуваат сите добрини кои ги направиле. Во училиштето пак се става Кошница за добрини во која учениците можат слободно да оставаат картички на кои запишале сопствени искуства, позитивни мисли и пораки упатени до другите за да се јакне самодовербата на учениците. Во петок, по случаен избор се извлекуваат картички од кошницата и се читаат на глас пред сите ученици.На крајот од Месецот на добрина, секое одделение спроведува колективна задача на покажување и правење добрина за заедницата, која самите ученици си ја избрале, појаснува овој наставник и додава дека во Ирска велат - не е наша работа да ги полниме учениците само со знаење, туку и со добрина.

- Прeкрасно, преинвентивно и прекорисно! Ова може да се спроведе и кај нас, не само во некое, туку во сите училишта, порача нашиот наставник кој секогаш е поборник за квалитетно образование за едно поубаво општество.