Мамо, фала ти што си со мене: Те молам остани што подолго...

Ја донесов мајка ми да живее со мене, засекогаш. Не го планирав тоа однапред, само еден ден решив и ја донесов дома, со еден куфер. Во куферот имаше дебели хулахопки, влечки, топол домашен фустан, пижами и од некоја причина, своја перница. Мајка ми сама се спакува. Веќе три недели оваа стара девојка живее кај мене, која како повторно да има четири години. Ситна, со снежно бела пунџа, во хулакопки малку набрани кај зглобовите, се шета низ станот со своите топли влечки.

Внимателно застанува на прагот од собата, ја подигнува ногата и преминува некаква невидлива препрека. Му се насмевнува на кучето во ходникот. Слуша невидливи луѓе и секојдневно ми раскажува новости за нив. Срамежлива е и многу спие. Го грицка чоколадото кое и го оставам во соба и си пие чај. Ја држи шолјата за чај со двете раце, затоа што ѝ се тресат. Ептен се плаши дека ќе ја изгуби бурмата, да не ѝ падне од тенкиот прст. Па постојано проверува дали е на место. 

Наеднаш согледувам колку е стара и беспомошна. Само се препушти, се предаде и престана да биде возрасна личност. Целосно ми го довери својот живот, до најмалата ситница. Најсреќна е кога сум дома. Кога ќе си дојдам, таа воздивнува со олеснување, па се трудам долго да не отсуствувам. И повторно, секој ден правам супа за ручек и на масата повторно има чинија со колачиња. 

Како се чувствувам во врска со тоа? На почетокот беше ужас. Таа беше толку независна, три години по смртта на татко ми сакаше да живее сама. Ја разбирав, првпат во животот, во сите нејзини 80 години живот, таа беше слободна да прави буквално што сака. А потоа тој проклет вирус ја скрши мајка ми. Два месеци во кревет си го направија своето и нејзините нерви попуштија. Сега чувствувам сочувство кон тоа нежно и кревко битие. Чувствувам само љубов и нежност. Знам кон што води тоа, но сакам на тој пат да биде среќна, покрај саканата ќерка и во топлината и удобноста на мојот дом. Останатите работи и онака не ѝ се важни. 

Драго ми е што Бог ми ја даде шансата да ја направам среќна на залезот на нејзиниот живот, а мојот иден живот да го направам смирен, без каења.

Мамо, фала ти што си со мене. Те молам остани што подолго...