Македонското културно наследство за првпат во Кина

Управата за заштита на културното наследство продолжува со промоција на домашното културно наследство во Европа и светот, а за првпат ќе ја преставува Македонија и на големиот Саем за туризам што ќе се одржи од 29 до 31 март во Пекинг, Кина.

Станува збор за еден од најважните саеми за туризам во Кина, кој веќе по тринаесетти пат се одржува во кинеската престолнина. Фокусот на овој светски настан се националните богатства и културното наследство на земјите учесници како силна алатка за нивна промоција.

За оваа година се најавени повеќе изложувачи буквално од цел свет кои ќе се претстават со своето културно богатство, археолошки лоикалитети, природни убавини...

Меѓу учесниците се Шпанија, Украина, Турција, Велика Британија, Израел, Египет, Танзанија, Гана, Јапонија, Грузија, Русија, Монголија, Србија, Италија, Канада...

На домашниот штанд ќе се најдат новите десет наслови од книжевниот проект "Најзначајните вредности од областа на културното и природно наследство на Република Македонија" и тоа: „Античкото кралство Македонија и Република Македонија" на проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, Игор Ширтовски, Владимир Атанасов, Виктор Симоновски и Филип Аџиевски, потоа "Св. Ѓорѓи во Курбиново#, "Виничките теракоти", "Св. Богородица Елеуса во Вељуса" и "Манастир Матејче" на проф. д-р Елизабета Димитрова, "Таор" на м-р Киро Ристов, „Тумба-Маџари" на д-р Драгиша Здравковски, "Баргала" на д-р Трајче Нацев, „Манастир Трескавец" на м-р Александар Василески и "Маркови кули" - Прилеп на д-р Бранислав Ристески, како и веќе познатите изданија за црквата "Св. Пантелејмон" во Нерези, Манастир Зрзе, Висока и Старо Бонче, Шарената џамија - Тетово, Скупи, Скопско Кале, Стибера, Хераклеја Линкестис и Тетовско Кале.

"Претставниците од сите континенти и огромен број посетители од светот се интересираат за нашето македонско врвно предисториско, античко и средновековно културно наследство со кое малку земји во светот можат да се гордеат", вели Виктор Личиќ -Адамс, директорот на УЗКН.
Управата за културно наследство на РМ досега ја претстави Македонија на повеќе културни саеми во Европа и светот, како саемот во Салермо, Италија, Санкт Петербург, Русија, во Париз, Франција, Лисабон, Португалија...