Македонскиот филм „Златна петорка" на фестивал во Париз

По прикажувањето на „Златна петорка" во култното берлинско Кино „Бабилон", со македонскиот филм во познатото Кино „Ентрепот" во Париз, се отвори фестивалот SEE à Paris, манифестација посветена на кинематографиите на земјите од Југоисточна Европа.

Филмот „Златна петорка" досега е прикажан на фестивали во Лондон, Сиднеј, Торонто, Бенгалур, Москва, Перуџа, Берлин, Битола, а наскоро ќе има регионални фестивалски претставувања, како и промоција во САД.

Во Москва филмот доби специјална диплома од жирито, а во Перуџа „Златен грифон" за најдобар странски филм.

Во сабота, на 3 јуни, во рамките на фестивалот, режисерот Горан Тренчовски ќе одржи мастер-клас на културолошко-образовниот институт ИНАЛКО (Национален институт за јазици и ориентални цивилизации) во рамките на Универзитетот Сорбона, каде што ќе зборува на темата „Литературата и филмот".