Љубовта е избор кој треба да го правиме секој ден

Љубовта не доаѓа и не постои сама од себе.

Photo by Liv Merenberg on Unsplash

Колку и да веруваме во романтичната љубов, во судбинските средби и сродните души, вистинската љубов бара посветеност, труд и работа. Таа не може да постои сама по себе, без да вложуваме во неа. Љубовта е избор кој го правиме секојдневно.

Таа не може да биде присутна во нашите животи како цвеќе кое се надеваме дека ќе процвета само ако гледаме во него. Токму како и цвеќето и билките, таа бара посветеност, љубов и постојана грижа, бидејќи во моментот кога ќе престанеме да го правиме тоа, таа вене и престанува да постои.

Без оглед на годините поминати со некоја личност, грижата и посветеноста треба да е тука. Можеби таа ќе биде поинаква, ќе ја менува својата форма низ годините, ќе се намалува или зголемува во различни периоди, но никогаш не треба да престане да постои.

Љубовта не е магија сама по себе. Таа не е иста како во филмовите кои ги гледаме. Но, таа може да биде слатка и убава само ако вложуваме во неа. Ако даваме онолку колку што земаме и ако не очекуваме дека само другата страна ќе ги прави компромисите кои ги очекуваме. Таа бара и комуникација, таа не може да функционира и успее со читање мисли и претпоставки.

Љубовта која има потенцијал во себе најчесто го влече тој потенцијал од двете страни кои се подготвени да се вложат во нешто кое не само што посакуваат да трае, туку и се посветени да го остварат тоа.

Љубовта носи грешки, болка, погрешни чекори... Но, таа секогаш треба да биде избор и напор на кој сме посветени секојдневно.