Ковачевски се фали со добрите политики, граѓаните му го реплицираат обратното

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска со воведно обраќање ја отвори панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Во своето обраќање Ковачевски говореше за владините политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ги носи со членството на Северна Македонија во Европската Унија.

„По членството во НАТО следува Европа дома. Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од евроатлантската ориентација во изминативе шест години. Но, тие многукратно ќе се зголемат, со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство. Тоа што успеавме просечната и минималната плата да ги зголемиме за 50 односно 100 проценти од тоа што беа, е резултат пред сѐ на добрите политики, но и на нашата цврста определба за евроатланска интеграција. Искуствата велат дека со членството во ЕУ платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти и тоа е за очекување дека ќе се случи и за нас“, вели Ковачевски.

Потсети дека платите и пензиите растат и ќе продолжат да растат.

„Стратешките одлуки што ги носи Владата имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места. Благодарение на тие одлуки, нашата економија бележи раст, а задржувајќи се на патот кон Европската Унија даваме шанса за уште попросперитетна иднина за генерациите што доаѓаат. Поддршката од Европа ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија“, посочи премиерот. 

Граѓаните, не се согласуваат со повеќето од ваквите афирмативни изјави за животниот стандард. Тоа е повеќе од очигледно во коментарите кои ги оставаат под неговите фејсбук објави, како што велат самите граѓани, полни лаги и фалби! 

Еве што му реплицираат Македонците, дел иронично, на премиерот Ковачевски: 

- Развиен криминал, корупција за жал. Надворешните амбасадори разочарани со штетна политика, нефунционални институции. 

- Какви реформи, кај се во кој сектор, не дај боже да одиш на лекар и здрав човек ќе се разболи, какво судство, во 21 век немаме железница, образование без учебници, за какви реформи зборувате, единствено тендерите ги добиваат исти фирми, тука сте стабилни.

- За една недела над 11 илјади печалбари од Гостиварско заминале во Германија и Швајцарија. 

- А како ја намалувате невработеноста? Со иселување на младите!

-  Многу му помогнавте на народот, отпечативте на време учебници полни со грешки, на време исплативте пензии за да можат и пензионерите да ги прослават празниците, дозволивте стари лица од 70, 80 години да чекаат ред на студот и загаденоста да си ги сменат личните документи и многу други работи. Браво за вас што им помогнавте на граѓаните.