Колку повеќе работници ни заминуваат во странство, толку повисоки плати - примањата допрва ќе растат

Економистите предвидуваат дека платите во приватниот сектор ќе растат во иднина, но не поради политичките ветувања, туку поради тоа што голем дел од квалификуваниот кадар се преселува во странство, а тоа предизвикува дефицит на работници во Македонија пишува „Денар“. Во трката за пополнување на празните работни места, работодавците нудат поголеми плати, а кандидатите за работа имаат алтернативи, имаат и поголема преговарачка моќ, па бараат уште повеќе.

Во моментов во земјава, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, објавени се 10.381 оглас за вработување. Најмногу се бараат оператори за во фабрики, работници во малопродажба, угостителство и во ИТ-секторот.

„Веќе не можам да најдам работници за помала плата од 35.000 денари. Пред неколку години за оваа работа плаќав 20.000 денари и имавме доволно работници. Сега, поради недостигот на квалификуван кадар, приморани сме да понудиме поголеми плати за да ги задржиме работниците”, изјавува сопственик на мал бизнис за „Денар“

Оваа ситуација го става предизвикот на работодавачите да балансираат помеѓу задржувањето на квалификувани работници и фискалната одржливост на бизнисите. Во иднина, како што предвидуваат економските експерти, се очекува раст на платите во приватниот сектор поради овие предизвици и глобални трендови.

„Државата и бизнисите се соочуваат со предизвикот со недостиг на работници и затоа треба да применуваат различни стратегии за решавање на овој проблем. Државата треба да инвестира во образование и обука на младите луѓе, за да ги подготви за потребите на пазарот на труд. Потребна е поголема поддршка за компаниите кои вработуваат нови работници, преку субвенции или даночни олеснувања. Голема улога може да одигра и привлекувањето странски работници за да се пополни дефицитот на квалификуван кадар. Компаниите, пак, треба да понудат поголеми плати и бонуси ако сакаат да ги задржат постоечките и да привлечат нови работници. Треба да понудат флексибилни работни услови како работа од дома или флексибилно работно време. Потребни се инвестиции во технологијата и автоматизацијата, како и воспоставување соработка меѓу државите и странските бизниси. Овие мерки се дел од комплексниот пристап за решавање на проблемот со недостигот на работници и само така ќе забележиме позитивни резултати во иднина“, објаснија економистите.