Ќе се укине социјалната помош на оние лица кои имаат возило на свое име

Центрите за социјална работа забрзано изготвуваат решенија за прекин на социјалната помош на оние лица кои имаат возила на свое име. Ваквите лица беа откриени со помош на вкрсување на базата на МВР каде се открија стотици вакви случаи.

Од Министерството за труд велат дека официјална бројка на корисници на социјална помош ќе има на почетокот на следниот месец. Инаку за јануари месец, министерството исплатило 35.386 корисници на социјална помош и социјална пензија, што ја чини државата околу 4,8 милиони евра, но овој број после ваквото открие од страна на министерството се очекува да се намали.

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски на прес-конференција откри дека се извршила злоупотреба на народни пари и на тој начин се одлеале стотици илјади евра народни пари. На негова иницијатива во сите центри за социјална работа треба да се направат вонредни инспекциски надзори и рачно да се провери секое поединечно барање за социјална помош. Истрагата, која ќе трае повеќе од два месеца, треба да утврди и чија е одговорноста за злоупотребите.

Корисниците на социјална помош, кои зеле пари од државата, а имале возила на свое име, со решенијата за стопирање на правото ќе добијат и налог да ги вратат парите.

Минатата недела неколкумина директори на центри за социјална работа побараа извинување од техничкиот министер за труд и социјала оти со обвинувањето за милионски злоупотреби го нарушил интегритетот на вработените во центрите. Техничкиот министер Велковски не се извини како што бараа директорите, туку ги обвини за оркестриран напад врз него оти сите испратија идентична реакција на обвинувањето за криминал.