Ќе ги остави ли „тешката зима“ скопјани со празни џепови?

По летото и есента, предупредувањата се дека претстои тешка зима.

Пандемијата, но и руско-украинскиот конфликт „ги дрмаат“ цените на енергенсите на глобално ниво, па така ценовните шокови на кои полека се навикнуваме ќе бидат уште позасилени претстојната зима.

Месецов се очекува за биде прогласена кризна состојба во енергетиката.

Скопјани веќе за август ќе плаќаат повисоки сметки за парно за 14,18% што е второ поскапување за година.

Јулските сметки за струја исто така веќе пристигнуваат повисоки. 

Властите, но и експертите најавуваат тешка зима поради што нивните апели се да се штедат енергенсите за да има доволно. Ова значи и поскапа цена на храната, за која граѓаните се навикнаа на шок цени.

-Основните намирници секојдневно поскапуваат. На пример, во блискиот маркет лебот од фурна кој го купуваме денеска е поскапен за 3 денари. Минатата недела беше 30 денари, денеска е 33 денари. Кога на секој произод ќе се додадат по неколку денари, очигледно се помалку ќе купуваме со буџетот со кој располагаме, вели една скопјанка.

Скопјани веќе плаќаат и поскап такси превоз, поради високите цени на горивата.

Надлежните уверуваат дека храна и енергенси ќе има доволно.

Криза за храна и основни прехранбени продукти нема да има, уверува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во интервју за Телма.

– Храна ќе има. Пред се, во вакви кризни времиња ја праќаме пораката до трговците и со сите засегнати одржуваме состаноци и средби, секој треба да мисли да се однесува морално и етички затоа што со парите на граѓаните сега поддржуваме мерки и политики и затоа е целта првин да се задоволат домашните потреби, рече Николовски.