Кисела Вода - прва општина која воведе бесплатна стручна помош за жртвите на булинг

Општина Кисела Вода е првата општина во Скопје, но и во земјава, која воведе бесплатна стручна поддршка за жртвите на меѓуврсничкото насилство во училиштата – проблем кој станува се поочигледен во општеството.

Булингот не е наивна појава, сметаат стручните лица. Бидејќи станува збор за сензитивна тема и проблем кој не може лесно да се воочи, решението треба да биде издржано, стручно, а пристапот повеќеслоен.

Општина Кисела Вода уште кон крајот на минатата учебна година пристапи кон соочување со овој проблем. Оваа скопска општината уште од минатата година го започна овој тренд, да им се излезе во пресрет на жртвите и во соработка со училиштата и невладиниот сектор да се изнајде соодветно решение.

- Поддршката за жртвите на меѓуврсничко насилство започна со имплементација околу мај 2023 година, кога Кисела Вода, како прва општина понуди системско решение за справување со булингот. Тогаш ја ставивме во функција бесплатната телефонска линија, каде жртвите на булинг или нивните блиски може да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. Иако времето останато до крајот на учебната година беше навистина кратко, сепак се јавија неколку родители кои пријавија врсничко насилство на своите деца и проблемите беа успешно решени од страна на Општина Кисела Вода, стручните служби во училиштето и советниците од ЦМА “КРИК”, велат од локалната самоуправа на Кисела Вода за искуството од минатата учебна година.

Бесплатната телефонска линија е достапна и оваа учебна година, а надлежните се надеваат дека сите кои се соочуваат со ваков проблем ќе се охрабрат да го пријават.

Учениците од повисоките одделенија, со оглед на периодот на пуберетет, може да се случи, доколку се жртви на булинг да не сакаат да се соочат во проблемот со оглед дека се во една сензитивна емотивна фаза, па се јавува и став да се соочат со исмејување доколку го кренат гласот или страв уште повеќе да бидат малтретирани. Токму затоа има опција за анонимно пријавување, но може да пријават и блиски лица.

- Секој може да пријави врсничко насилство, велат од општина Кисела Вода и ги појаснуваат начините кои се на располагање. Кога ќе се јави лицето на линијата има неколку опции:

-Да пријави анонимно и да не сака да преземе понатамошни дејствија. Во овој случај, пријавата се испраќа до секторот образование од Општина Кисела Вода кои понатаму алармираат до стручните служби во училиштето и проблемот заеднички се решава.

-Да се јави семејството или ученикот на советување со советниците од “Крик” со цел да се даде поддршка на лицето врз кое се извршува насилство.

-Да се пристапи системски на проблемот. Пријавата да биде дадена со информации за вклучените лица и да се следи процесот. Процесот е следен: Советниците од ЦМА “КРИК” алармираат веднаш до секторот образование во општината и стручната служба од училиштето. Стручната служба презема потребни мерки за да се реши проблемот и после тоа известува до Општината и советниците од “Крик” што е преземено и на кој начин е пристапено на проблемот. По овој процес, советниците од “Крик” ги контактираат лицата кои пријавиле за да се осигураат дека на проблемот е соодветно пристапено и дека проблемот е решен. Дополнително советување се нуди на оние лица кои сметаат дека им е потребно.

Кисела Вода и оваа учебна година продолжува со оваа значајна борба за сузбивање на меѓуврсничкото насилство.

- Оваа година планираме да работиме повеќе на промоција на бесплатната линија 078/358 – 639, бидејки тоа е навистина важен дел. Советот на родители е вклучен во процесот, и тие се првите кои ја промовираат линијата но сепак потребна е дополнителна промоција за да се запознаат семејствата со можностите за поддршка кои се нудат, нагласуваат од општината.

Овој период се поставуваат постери на вратите на училиштата како секој би можел да се информира за што станува збор.

- Моментално, започнуваме и со работилници насловени “Насилството не е кул” кои ќе се спроведуваат во училиштата во Кисела Вода во соработка со „Крик“.