Кај Македонците се уште не е стекната оваа навика - осигурувањето на домот е инвестиција, не луксуз

Според податоците од осигурителните компании, трендот на осигурување на станбени објекти во изминативе години во Македонија практично и да не бележи раст.

Сепак, наспроти овој податок се издигнуваат низа факти зошто станбеното осигурување е исклучително значајно за секој дом. Безбедноста, мирот и спокојот се секогаш на прво место, но сепак, не само емотивната вредност и сентименталната поврзаност со домот се причина повеќе зошто треба да ја промениме перцепцијата кон осигурување на својот имот.

Само пет проценти од домовите во Македонија се осигурани, а опаѓачки тренд има кај осигурувањата од катастрофални ризици, како земјотреси и поплави, како и кај осигурувањето на земјоделските површини.

Лани се продадени нешто над 39 илјади договори за осигурување од поплави, за разлика од преклани кога ги имало повеќе од 44.000. Помалку од 6.000 домаќинства лани си ги осигурале домовите од земјотрес, за разлика од 2016 година, кога тоа го направиле околу 9.000. Во истиот период бројот на земјоделски осигурувања речиси се преполовил.

Интересот за осигурување се зголемува во првите три месеци откако ќе се случат земјотреси или поплави.

За да се поттикне раст на осигурувањето, годинава сигурителните компании ќе работат на едукација на населението и на креирање на производи кои ќе бидат прифатливи на пазарот.

Инаку, извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажува дека во 2017 година осигурителните компании склучиле над 1,3 милиони договори, што е пораст од 7,19 пороценти во однос на претходната година. Бруто полисираната премија лани изнесувала 8,99 милијарди денари, што е пораст на приходите од 3,10 проценти во однос на годината пред тоа.

Инаку, најголемо учество во осигурувањето, од над 45 проценти има задолжителното осигурување од автоодговорност, за што лани се потрошени над четири милијарди денари. На второ место според учеството во бруто полисираната премија е осигурување на имотот, а на трето повторно осигурувањето на возилата, но доброволното, однсоно каско. Лани е забележан подем на здравственото осигурување, а приходите од продажба на животно осигурување се зголемени за околу 12 проценти.