„Ја фатив мечката за уши и ја држев можеби пола саат, после тоа ја турнав“- сведоштво на Цане Србиновски кој преживеа напад од мечка

Цане Србиновски жител на село Дреновци во Општина Долнени  е човекот кој пред 3 дена преживеа опасен напад од мечка на Бабуна, во поширокот атар на селото Оморани во неделата. Него го посети директор на ЦУК, Стојанче Ангелов каде разговараше со повредениот Србиновски. Тој раскажа како се случил нападот и како успеал на еден неверојатен начин да се спаси.

„Беше Благовец, го терав добитокот и едно време пред мене излезе мечка. Ме грабна за ногата и паднав на грб. Кога паднав, носев чизми. Ме фати преку чизмата и немаше што да правам. Не знам како се извлеков. Со десната нога ја мавнав и ме пушти, па пак ме фати за нога, а ја повторно ја удрив. Ми даде Господ сила, ја грабнав за уши. Ја држев можеби пола саат. Се исплашив ја држев. Потоа ја турнав и одма станав. Ме гледаше и заминав до колиба, нозете ми се укочија. Вечерта немаше никој, дури во понеделникот децата ме најдоа“, раскажа Србиновски.

Ангелов му рече дека тој е третиот нападнат од мечка во последните 5-6 месеци и дека ЦУК се обидува да го реши проблемот со мечките кои ги има во голем број. Ангелов посочи дека целта не е убиство на мечките но треба да се отстранат оние кои напаѓаат луѓе. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, рече Ангелов.