Изложбата „Импулси“ на македонскиот скулптор Слободан Милошески во КИЦ Софија

Во Културно информативниот центар на Македонија во Софија вечер ќе биде отворена изложбата „Импулси” на македонскиот скулптор Слободан Милошески. Тој ќе се претстави со дванаесет скулптури од неговиот најнов творечки опус, изработени во комбинирана техника.

Изложбата ќе ја отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров а проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура. 

Слободан Милошески е роден на 02.05.1977 г. во Охрид, Македонија. Во 2001-ва година дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје, а во 2009-та на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарствo, во Скопје, на кој отсек и магистрира во 2011 година. Моментно е докторант на Националната уметничка академија во Софија, на катедра скулптура. 

Милошески има реализирано 12 самостојни изложби во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора. Учествувал на повеќе од четириесет групни изложби во Македонија и странство. Реализирал седум проекти за поставување на скулптури во јавен простор. Добитник е на тринаесет награди и признанија.