И во старо Скопје имало детски театар и балетски училишта

И во старо Скопје имало детски театар и балетски училишта.

Во период 1918-1941 во градот работел и Детски театар. Детскиот театар всушност бил детското друштво “Пчеличка” кое работело во основното училиште “Света Богородица”. Во Народниот театар ова друштво приредувало детски концерти и претстави.

Еден од првите концерти на Детскиот театар бил приреден во 1923 год. во Народниот театар со целовечерна програма со повеќе точки.

Работата на Детскиот театар била под раководство на г-ѓа Бенсон, руска дама. Според критиките, работата на Детскиот театар била сериозна, со добра режија, костими и хармонија на игра. Костимите биле направени од шарени материјали во разновидни бои. Најгледана претстава на Детскиот театар била пиесата “Пчеличка” која ја напишала г-ѓа Бенсон, споделуваат сеќавања старите скопјани. 

Освен Детскиот театар, во Скопје имало и неколку балетски училишта.

Во приватното балетско училиште часовите ги одржувала Софија Михолиќ. Часовите се одржувале во голем стан на денешна ул. “Илинденска”, на паркет, со музика од грамофон. Во групата биле зачленети 15 деца, од кои 3 машки. Се вежбало двапати неделно. Децата вежбале со “соколски патики” (подебела кожа на долниот дел, а од горе потенка кожа), дресови, панталони и блузички. Оваа балетска група одржувала приредби во Офицерскиот дом и во Театарот.

На концертот во 1940 год. одржан во Народниот театар, во организација на Женската гимназија, учествувало и Балетското училиште со претставата за деца “Снежана и седумте џуџиња”.