И годинава редици за упис на ФИНКИ - Загарантираното работно место и високата плата пресудни

Трендот продолжува! И за претстојната академска 2023/24 година голем интерес кај младите за студирање на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Годинава за упис чекаа редици млади да ги остават документите за упис.

Интересот е голем, како пред неколку години кога сите се одлучуваа за Правен факултет, коментираат на социјалните мрежи.

Дали изборот на добро платена професија е пресуден младите да се одлучуваат за ФИНКИ, со оглед дека програмерите изминативе години се на врвот на најплатени професии?

Подеканот за настава Ристе Стојанов во интервју за Скопје Инфо вели дека минатата година се запишаа 1080 студенти.

- ФИНКИ е факултет во кој покрај теоретските, се добиваат и многу практични вештини кои се директно применливи на пазарот на трудот во нашата држава, па и глобално. Ова е според мене главна причина што голем дел од нашите студенти започнуваат со работа доста рано, најчесто по петиот семестар и го пролонгираат своето завршување на студиите, порача тој во интервјуто што го даде за нашиот портал пред два месеца. 

-Покрај квалитетот на кадрите кои произлегуваат од ФИНКИ, по кој се издвојува од другите конкурентски факултети, мое лично мислење е дека главната причина за овој тренд е експанзијата на ИТ индустријата, како и одличните услови за работа и плати кои се нудат во неа. Од тука, интересот за ФИНКИ доаѓа природно. ФИНКИ од самото формирање се стреми на овозможи модерни студиски програми со кои се произведуваат кадри кои се конкурентни и барани на пазарот на трудот. Самиот факт дека е реткост да се види студент кој не е вработен на денот на дипломирњето е доказ на квалитетот што го нудиме. Покрај низата просторни проблеми со кои се соочуваме, сепак студентите ја препознаваат посветеноста на тимот на ФИНКИ и не избираат и помагаат да растеме заедно со нивните кариери, појаснува Стојанов. 

Оние кои веќе се дел од ФИНКИ имаат само пофални зборови за факултетот. 

- ФИНКИ е најдобриот факултет по информатика во земјава што образува лидери во полето на информатиката. Програмата е добро осмислена, со доста новитети што не беа присутни порано како дел од наставата. Постојат исто така и голем број на профили со кои самиот студент може да се награди и да ја продлабочи својата област на знаење соодветно на тоа што го интересира...

- Голем плус е тоа што ФИНКИ исто така досега има објавено колем број на конкурси за стипендии, размени, посетување на курсеви, пракси итн., велат студентите. 

Според Државниот завод за статистика просечната плата во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изнесува 74.062 денари или околу 1.204 евра. Програмерите всушност се единствената професија со просечна плата повисока од илјада евра месечно.