Граѓаните се интересираат за проектот "Дрво за секое дете" - реализацијата на истиот се уште не започната

На осми август минатата година предизборно, сега актуелниот скопски градоначалник им вети на скопските родители дека секое бебе што ќе се роди во Скопје, ќе добие свое дрво, пишува Фактор.

Потпис на меморандумот за проектот „Дрво за секое дете“ со кој Шилегов всушност им понуди на Скопјани нешто поради кое ќе почувствуваат дека вистински му припаѓаат на овој град беше ставен во април годинава.

Претставници на гинеколошките клиники од Скопје потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот кој се уште ги чека јавните набавки.

Интерес кај новите родители за проектот има. Барем така велат од кабинетот на Петре Шилегов.

„Граѓаните се интересираат. Пријавувања за проектот има, но засега не е посадено ниту едно дрво“, вели Валон Салиху.

Тој посочува дека реализицијата на проектот е во фаза. 

„Се уште трае јавната набавка на плочите на кои ќе го пишува името на детето и токму тоа е причината поради која не никнало ново дрво кое ќе треба да биде негувано“ - посочи Салиху.

Бројот ќе се зголемува до есен, кога е сезоната за садење. 

„Во една акција ќе бидат заедно засадени дрвјата за сите новородени кои се пријавени во овој период“, рече градоначалникот Шилегов.

Како што соопштија во најавата на проектот дрвјата на новороденчињата ќе се засадуваат во сезонски акции на расположлива локација по избор на родителите, на некои од градските дрвореди, паркови или скверови.

„Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот. Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на услови за живот, а промената започнува од самите нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење“, потенцираше Шилегов во најавата на проектот.

Во иднина, родителите треба да го одржуваат дрвото и да го следат неговиот раст заедно со растењето на детето. Можеби токму тоа и ќе предизвика поголема свест кај самите граѓани, навика за грижа за природата и ќе ги потсетува децата дека корените им се овде, длабоки, како на дрвјата.