Фалсификувани банкноти од 2000 денари циркулираат низ земјава

Забележани се лажни банкноти во вредност од 2 илјади денари, предупредува Народната банка. Заради подобра заштита на граѓаните и на правните лица, НБРМ укажува како може да се направи разлика меѓу вистинската и лажната пара.

Прво, фалсификатот е изработен од обична двослојна хартија, која на допир значително се разликува од оригиналната хартија според дебелината, цврстината и еластичноста.

Второ, основен заштитен елемент е варијабилната боја во горниот среден дел од предната страна на банкнотата. Со придвижување под одреден агол, оригиналот ја менува бојата од зелена во сина, а при тоа се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење, а кај фалсификатот бојата не се менува.

Трето, повнимателно набљудување ќе покаже дека имитацијата на заштитниот конец, вметнат меѓу двата слоја хартија со видливи засеци, создава лажен впечаток за делумно менување на боите.

Четврто, водениот печат кај фалсификатот е видлив и нанесен со нијанса на жолтеникава и сива боја, додека кај оригиналот се гледа само ако банкнотата се постави под извор на светлина.

Народната банка ги повикува сите граѓани, доколку забележат лажни банкноти, веднаш да се обратат до МВР и до банките.