Експропријацијата на автопатите кои треба да гради Бехтел и Енка напредува, ама градежните работи никако да почнат

Геотехнички испитувања се направени на делниците Гостивар – Тетово, Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп. На делниците Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп имало и земјени работи, додека на делницата Ќафасан-Требеништа-Струга нема никакви активности покажува Извештајот на надзорот за прогресот на изградба на автопатите што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

На делницата Гостивар Тетово извршена е експропријација на 89 проценти од имотот, за Букојчани – Гостивар на 27 проценти, а за делницата Битола Прилеп на 70 проценти. За Гостивар-Тетово се изготвени 88 проценти од урбанистичките проекти, за Букојчани Гостивар 28 проценти, а за Битола-Прилеп 75 проценти. За Гостивар Тетово и Букојчани Гостивар се спроведени и 75 проценти од топографските истражувања, а такви активности нема за останатите две делници. Направени се 61 процент од потребните геотехнички испитувања за патната секција Гостивар-Тетово, 49 проценти за Букојчани-Гостивар и 34 проценти за делницата Битола – Прилеп. Напредокот на работите за спецификација и проектирање на автопатот до крајот на јануари годинава на првата делница изнесува 23 проценти, на втората седум, а на четвртата девет проценти.

Во претходниот извештај за прогресот на работите за периодот од 1 ноември до 31 декември лани беше наведено дека целосно се завршени 58 проценти од проекциите за експропријација, како и 33 проценти од геотехничките истражувања.

Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше потпишан во март минатата година. Со него треба да се изгради автопатска мрежа во вкупна должина од 109 километри.

Од другите автопати во изградба, Собранието минатиот месец изгласа законски дополнувања со кои 31 декември 2026 година е утврден како краен рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри, што се гради од 2014 година. – Пролонгирањето е поради појавени 13 нови свлечишта на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, образложи Владата за проектот што го гради кинески „Синохидро“.

Од автопатот во изградба Скопје-Блаце во вкупна должина од 12,5 километри, во завршна фаза е изградбата на првите два километри, а за останатите од втората фаза во тек е евалуација на понудите за избор на изведувач.