Дури 69 отсто од Македонците не можат да си дозволат да одат на одмор, а 34 отсто не можат да си дозволат ништо

Дури 69 отсто од Македонците не можат да си дозволат да одат на одмор или патување еднаш годишно, 91 отсто не можат да си дозволат да одат на козметичар или масажа еднаш месечно, а 34 отсто не можат да си дозволат ништо.

Ова го покажува истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think" за тоа колкав е квалитетот на животот на Македонците. Констатацијата е дека најголем дел од Македонците живеат крпен живот. Податоците од истражувањето покажуваат и дека 78 отсто од граѓаните не можат да си дозволат да си купат ново парче облека или обувки во текот на месецот, 68 отсто не можат да си дозволат театар или кино еднаш месечно, 59 отсто да јадат во ресторан во текот на месецот, а дури 76 отсто не можат да возат автомобил секој ден.

Според податоците за 78 отсто од испитаниците, платата или пензијата е основен извор на пари. Останатите преживуваат со помош на родителите, сопружниците, роднини од странство или државата, а дури 3 отсто се изјасниле дека живеат од кредити.

Истражувањето покажува дека само една третина од граѓаните успеваат да ги задоволат сите потреби или да заштедат дел од својот доход. 42,1 отсто успеваат да ги задоволат само потребите за храна и сметки, а 28,1 отсто не успеваат ниту тоа.