Од 1 јануари годинава инсинераторот во депонијата „Дрисла“ не работи, додека во април ќе биде набавен нов инсинератор за горење на медициниски отпад, брифираа на вчерашниот брифинг со новинарите, градоначалникот Петре Шилегов заедно со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

И од Државниот Инспекторат за животна средина соопштија дека вчера извршиле вонреден инспекциски надзор во депонијата Дрисла и утврдиле дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување на медицински отпад во денови кога има надминување на прагот на алармирање.

„Во периодот од 01.01.2018 год. до денот на вонредниот надзор 10.01.2018 год. истиот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.
Инспекторатот беше информиран дека согласно задолжението од решението се постапува и во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постоечкиот инсинератор и истиот ќе биде инсталиран во периодот кој следи“, велат од инспекторатот.

Според инспекторатот, од менаџментот на Дрисла добиле информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени и се очекува опремата да пристигне до средината на април по кој период во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа на истата, а намената на инсинераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија.