Денеска официјално почнува новата сезона во македонското кошаркарско првенство, титулата ќе ја брани МЗТ Скопје

Денеска почнува кошаркарското првенство во Македонија, а тимот на Работнички се очекува да тргне во атак на тронот на МЗТ

 Работнички веќе шест години чека на пехар, а во последните 14 освои само еден трофеј. Клубот од Градски парк се реорганизира на секое поле, пред се на финансиско и најавува атак на шампионскиот трон на кој последните 12 сезони најчесто беше градскиот ривал МЗТ Скопје.

Аеродромци се вратија чекор назад, го подмладија составот во однос на минатата сезона, но амбициите остануваат исти. Главни адути во одбрана на пехарот се близнаците Стојановски кои се гарант за успех каде и да се појават. Покрај себе сега ќе имаат релативно млади играчи кои имаат обврска да се борат за трофејот во домашното првенство.

Својата шанса од втор план ќе ја бараат вицешампионот Пелистер и ТФТ Моцарт. Битолчани поминаа низ реорганизација, сменето е комплетното раководство и со нови мотиви и желби влегуваат во новата сезона. И составот доживеа промени, дојдоа неколку познати кошаркари од домашното првенство и нови странци и екипата секако ќе се обиде да го повтори успехот од претходните две сезони. ТФТ Моцарт претходните две сезони се наметна како значаен фактор во домашната кошарка, во текот на летото донесе млади, но и искусни играчи и главна цел ќе му биде да им ги помати сметките на фаворитите.

Гостивар, Еуро Никел, Чаир, Кожув и Феникс се петте екипи кои ќе се борат за останатите четири места во плејофот. Една од нив ќе испадне од конкуренција за највисок пласман, но тешко е да се прогнозира која бидејќи сите се блиску според квалитетот.

Неизвесната ситуација околу опстанокот на клубот ја прави Академија ФМП прв кандидат за испаѓање иако во моментов не се знае дали ќе остане во Скопје или ќе се пресели во Струмица, но не се знае ни играчкиот кадар. Вардар и Охрид ќе се обидат да го избегнат најлошото и да се не вратат во Втората лига по само една сезона во елитата. Вардар ќе игра со целосно домашен состав како единствен прволигаш без странци и со исклучително млади кошаркари, но далеку од тоа не е ни Охрид иако има двајца странски кошаркари во тимот.

Промената на правилото за странци на терен може да биде од исклучителна важност оваа сезона. За разлика од претходните пет години, сега во исто време во игра можат да бидат сите четворица странски играчи, па сигурно честа ќе биде појавата, на терен да има само двајца Македонци. Не е за занемарување и фактот што пет екипи ќе настапуваат на меѓународна сцена што значително ќе им го згусне распоредот, а веројатно ќе биде и дополнителен напор за кошаркарите.

Новиот шампион на Македонија би требало да се знае кон крајот на мај или почетокот на јуни, во зависност од тоа колку долго ќе траат плејоф сериите. Како најтрофеен и оваа сезона влегува Работнички со 15 титули, но МЗТ Скопје опасно му се приближува и веќе стигна до 10.