Денес е најдепресивниот ден во годината

Официјално понеделник, 15. јануари е прогласен за најдепресивниот ден во годината кој инаку се нарекува „Син понеделник“. Обично тоа е третиот понеделник од почетокот на годината.

Датумот е „одреден“ од страна на психологот Клиф Арнал. Формулата со која е дојдено до тој заклучок во 2005 година ја претстави токму тој, и таа гласи: [W + (D – d)] x TQ / M x NA. Притоa, W = временските прилики, D = долгот, d = платата, T = времето кое минало од Божиќ, Q = времето минато од пропаднатите обиди да направиме нешто за себе, M = нивото на мотивација и NA = потребата да тргнеме во акција.

Причините за депресијата се целосно објективни. Досега сите сме си ги прекршиле нашите новогодишни ветувања за промени. Телото ни е изморено од декемвриско – јануарските гозби, а паричниците ни е страв и да ги отвориме.

Освен тоа, утрата се многу мрачни, а сонцето кое и онака излегува подоцна, потоа тешко се пробива низ облаците, поради што имаме недостиг од витамин Д.

Без разлика на кој датум ќе се „падне“ понеделникот, тој го задржува овој таканаречен статус, бидејќи всушност е почеток на третата недела и со тоа завршува празничниот период во кој речиси целиот свет ги слави Нова Година и Божик, но и други празници поврзани со годината која започнува. Третиот понеделник во годината е она враќање во реалноста, кое нè потсетува дека имаме и други обврски поврзани со егзистенцијата. 

 Експертите секоја година на овој ден стравуваат дека би можел да се зголеми бројот на самоубиства, па редовно ги советуваат луѓето што би требало да направат за да се чувствуваат подобро, иако и официјално и неофицијално не им е до ништо.