Демири: Крводарителите се луѓе со големи срца, Министерството за здравство има посебен фокус за крводарителството

Министерот за здравство Илир Демири денеска се обрати на свечениот настан по повод Денот на основањето на Црвениот крст и Денот на крводарителството на Република Северна Македонија во организација на Црвениот крст.

Демири им го честита овој ден на крводарителите истакнувајќи дека се големи хуманисти, луѓе со големи срца, кои секогаш се подготвени својата крв да ја дадат таму оанму каде што е најпотребна.

„Министерството за здравство посебен фокус става на оваа тема и за таа цел, во насока на поддршка и афирмација на крводарителството, Министерството секоја година изготвува посебна програма, во која се содржани мерки и активности за поддршка на крводарувањето во нашата држава. Во неа се содржани мерки и активности за организирање и спроведување крводарителски акции, изготвување материјали за промоција, мотивациски средства за крводарителите, надомест на трошоци за организирање крводарителски акции за општинските организации на Црвениот крст, активности на Институтот за трансфузиона медицина и партиципација при користење здравствени услуги на дарители со над 10 крводарувња“, рече Демири.

Тој посочи дека ова е особено важно затоа што немањето континуитет во обезбедувањето крв ќе предизвика застој на хируршките и други интервенции за кои е потребно апликација на крв и спасување многу животи.

„Преку чинот на дарување крв и во иднина ќе се стремиме кон напорите за обезбедување крв и крвни продукти за задоволување на потребите на здравствениот систем во РСМ. Честитки по повод денешниот ден и ви посакувам натамошни успеси, особено на сите волонтери, крводарители и мотиватори, кои се пример и за целата заедница“, изјави Демири.