Червар со промени во списокот на ракометни репрезентативци

Лино Червар воведува новини откако застана на кормилото на нашата ракометна репрезентација. Тој вчера ја објави првата верзија на поширокиот список на А-репрезентативци. Најкрупната измена е изостанувањето на Даниел Дупјачанец, а повикувањето на младата македонска надеж, 18 годишниот Мартин Томовски. Младиот Томовски, неодамна можевме да го видиме во извонредна форма во натпреварот против Вардар, кога одигра извонредна партија. Други двајца голмани на списокот се Златко Даскалоски и Никола Митревски.

Измените не се само на голманската позиција, Червар ги повика и 29 годишниот Борче Соколов, Ивица Лазаревски и Бобан Блажевски, играчи од домашното првенство кои исто така се наоѓаат во одлична форма. Очигледно е дека Червар ги форсира играчите од домашната лига бидејќи од прва рака има увид во нивната форма во текот на целата сезона, бидејќи паралелно тој е и тренер на „Металург“.

Објавениот список доаѓа непосредно пред бараж-натпреварот кој нашата репрезентација ќе го игра против екипата на Чешка, на 11-ти јуни во Злин и 4 дена подоцна во Скопје. Резултатот од натпреварите ќе одлучи која од двете екипи ќе се пласира на Светското првенство во Франција, кое ќе се одржи наредната година во јануари.