Цената на становите во Скопје никако не се намалува, поскапеле за 4,7 отсто

Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7 отсто на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8 проценти  во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.

Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за еден процент во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за седум проценти. Во првиот квартал лани цените на становите  се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто, а во третиот квартал од 2,9 проценти, односно од 11 проценти.

Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора за МИА, смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани.

Сега градители се практично трговци поединци кои еднократно инвестираат, имаат свои пари и ги инвестираат во недвижности и градежништво затоа што тука сега е конјуктурно и профитабилно. Тие единствено го гледаат профитот, па може да биде еднократно да градат една, две, пет згради, но водилка е исклучиво профитот.

„Мене не ме лути толку тоа, туку тоа што ние како инженерска фела, како урбанисти им влегуваме во нивната шема на креирање и планирање на просторот. Треба практично да го релаксираме посторот, не мора да се гради секаде затоа што сега најмногу каде се гради по порачка за измена и дополна на урбанистичките планови со самофинансирање. Врз основа на тие инцијативи што ги покренуваат баш овие градители што им се интересни урбанистичките и градежните парцели, потоа се прилагодува кон нивните барања – да стават повеќе објекти во еден блок, повисоко, пониско, па нема ниту осончување, ниту проветрување, а ним им е важно да има кандидатура и износот на профитот на продажбата“, вели Велковски

Велковски дополнува дека поголемиот проблем е што сега трговците инвеститори со станови немаат свои локации и се обраќаат кај сопствениците на земјиште на кое е предвидено да се гради, кои пак, ги покачија условите и цената.

„Порано имаше два модела за договор со инвеститорот, да го откупат земјиштето или да се договорат за заедничка градба со соинвеститороство. Кога сопствениците видоа дека градителите ги покачија цените на становите сега и тие ги зголемија нивните  услови Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега отиде и до 40 проценти од земјиштето, што  не е ниту легитимно, легално и логично. Но, затоа што овие сакаат да градат сега овие другите ги  зголемуваат условите и потоа се зголемува цената. На крај мене ме чуди која е уште таа категорија која може да поднесе таква цена на станови, а во Скопје сега веќе има 70.000 до 80.000 празни станови“, вели Велковски.

Тој укажува дека во формирањето на цената на становите прва е цената на чинење на градежната парцела. Ако порано беше 250 до 300 евра по метар квадратен, Велковски вели дека сега по метар квадратен цената за откуп на земјиштето достигнува и по 1000 евра.

Согласно квадратурата на градбата, односно колку квадрати се градат се формира цената на градежната парцела. Потоа доаѓаат комуналиите кои не се многу зголемени, изнесуваат од 80 до 120, 130 евра по метар квадратен, па учеството на градежните материјали и работната рака.  Зголемената цена воопшто не е одраз на цената на градежните материјали кои се поскапени 20 до 30 проценти. Има учество и  недостатокот на работна рака, не е толку работата  во платата на луѓето, туку во квалитетот на тие кои сега градат бидејќи нема веќе стручни мајстори и тоа е голем проблем. Државата мора да се сврти кон продукција на таков профил на кадар  – занаетчии во сите професии. Треба да се стимулираат децата  да се запишуваат на такво школовување. Иако се работи повеќе, повеќе и се заработува, вели Велковски.